Граѓанската иницијатива ,, И Јас Сум“ од Неготино го имплементира проектот ,,И Јас Сум ДЕЛ'' со поддршка на Македонското здружение на млади правници и Aмбасадата на Кралството Холандија со цел да ја подобри положбата на лицата со попреченост во Општина Неготино.
За таа цел се превземени следните активности:
1. Анализа ,,ИНклузиЈАС' - Главните податоци покажуваат дека во Неготино живеат 120 лица со телесен инвалидитет, додека во пола од јавните институциите не постои рампа за пристапност (во 8 од 17 институци) а ниту една улица нема тротоар со законски наклон.
2. За таа цел, изработивме архитектонско решение за наклони на 66 тротоари на 19 улици во централното подрачје во Неготино и ја доставивме целата документација до Општината и Владата за понатамошна изведба.
3. Изработивме кратко документарно видео ,,ИНклузиЈАС“ со личната приказна на фамилија Иванови од Неготино на кое се прикажани предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.
До сега ниту една од институциите не покажа никаков интерес за идејата. Особено е жално, во овој период кога се реновираат улиците, кога адаптацијата на тротоарите би била највозможна, не постои никаков интерес од страна на институциите.
Се надевам дека Вам, пријатели кои градите инклузивен свет, ќе ви послужат овие материјали за идни проекти и активности.
На 27.05.2021 година, на терасата на Музејот на македонската борба во Скопје, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, се одржа јавен настан за подигање на свеста за потребите и правата на лицата со мултипла склероза, параплегија и дистрофија.
На настанот поред четириесетина членови на Мобилност Македонија од повеќе здружени членки, како гости присуствуваа: Милан Живковиќ - советник на премиерот за труд и социјална политика, Томислав Цветковски и Зоран Стојанов - претставници од Министерството за труд и социјална политика, Доцент д-р Иван Барбов - начелник на Клиниката за неврологија при универзитетската клиника Мајка Тереза во Скопје, Даниела Стојановска Џинговска - советник на директорот на ФЗОМ за ортопедски помагала, Горан Чаловски - директор на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје и Даниела Николова - директор на Музејот на македонската борба.
Денес, на 20.05.2021 година, преку Зум платформата, беше одржана јавна презентација на Компаративната анализа за вработување на лицата со попреченост во рамки на Проектот за администрирање на социјално осигурување. Презентери беа експертите од Институтот за развој на пазарот на трудот од Хрватска, Дарио Карачиќ и Антонио Матковиќ.
На Република Северна Македонија и е одобрен кредит од страна на Групацијата на Светска банка за реализација на Проект за администрирање на социјалното осигурување (СИАП). Дел од активностите на проектот се однесуваат на реформирање на системот за вработување на лица со попреченост, односно развој на модел и законодавна рамка за вработување на лица со попреченост.
Целта на оваа активност е проширување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на нивната инклузивност на пазарот на труд. Во оваа насока потребна е широка јавна расправа за опциите за политиките за вработување на лица со попреченост, како и за развивање на новата законодавна рамка.
Во Куманово започна проект за прилагодување на тротоарите за движење на лицата со инвалидност. Проектот е со целосна поддршка од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Иницијативата ја покрена здружението на лица со телесен инвалидитет - Мобилност Куманово, кое укажува дека овозможувањето на непреченото и самостојно движење е основа за социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет и дел од мерките на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидност.
Денес, 07.05.2021 година, во организација на Македонски институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ), преку платформата Зум, беше одржана „Работилница за инклузивно новинарствои генерирање теми за видео стории поврзани со застапување на правата на лицата со попреченост“.
Мобилност Македонија на работилницата ја претставуваа Бранимир Јовановски, Христина Просковска и Горан Спасов.