Одржани 18-ти Литературни средби во организација на Мобилност Македонија
И годинава, 18-те Литературни средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија се одржаа во рамките на одбележувањето на „4 Декември“ – Ден на лицата со телесен инвалидитет. Домаќин на литературните средби беше Мобилност Кичево, а некаде во средината на Програмата на одбележување на овој значаен ден за лицата со телесен инвалидитет, започна презентацијата на најуспешните творби од нивните автори.
На конкурсот пристигнаа 11 творби од 8 автори и тоа: 5 од Скопје, 2 од Прилеп, и по една од Охрид, Кочани и Гевгелија. И оваа година, селекцијата на творбите ја изврши нашиот повеќегодишен селектор, г-ѓа Весна Ацевска. Таа ги доби творбите за селекција под шифра, воопшто не знаеше за кој автор се работи и за својата селекција и забелешките за квалитет на творбите истакна:
„Разгледувајќи ги пристигнатите 11 песни на конкурсот на Мобилност Македонија, видливо е дека неколку автори/авторки читале и читаат поетски дела и од народната литература и од современата светска и македонска поезија. Читањето овозможува при пишувањето авторот да ја издигне песната од обичен запис на длабоко чувство или размисла и да се пренесе тоа преку фигуративен говор, односно преку говор во кој сликите, ритамот и звукот ги сугерираат емоциите и идеите, а атмосферата помага тие да се примат.
Одбележан „4-ти Декември“ денот на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА
Годинава, одбележувањето на „4-ти Декември“- денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, со масовно присуство на членови од сите општински и меѓуопштински здруженија здружени во Мобилност Македонија се одржа на 04.12.2012 година во Кочани.
На одбележувањето присуствуваше градоначалникот на општина Кочани, г-дин Ратко Димитровски, кој во својот поздравен говор ја истакна соработката со Мобилност Кочани и заедничките проекти за подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет на територијата на општина Кочани.
Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, Бранимир Јовановски, му се заблагодари на градоначалникот на Кочани за неговото присуството на одбележувањето на овој значаен ден за лицата со телесен инвалидитет на Македонија, бидејќи токму на овој ден 1986 гофина е формиран сојузот. Потенцирајќи дека во изминатиот период беа покренати бројни иницијативи за подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет во Македонија, претседателот пред повеќе од 200 присутни членови го афирмираше започнувањето на примањата на додатокот за мобилност со сите перипетии и проблеми кои во пракса го отежнаа остварувањето на ова право за лицата со 100% телесен инвалидитет кои за движење се користат исклучиво со инвалидска количка. Во преговорите со институциите на државата, но и во општата комуникација, се уште силно се чувствува недоволно изградената јавна свест за сфаќањето на потребите на лицата со телесен инвалидитет.
Изложба на слики од 3-та меѓународна Ликовна колонија Охрид 2012
Во предвечерието на одбележувањето на „3 Декември“ – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, на 03.12.2012 година со почеток во 20 часот во галерискиот простор на „Порта Македонија“ во Скопје ја организираше изложбата на слики од третата меѓународна ликовна колонија Охрид 2012. Изложбата имаше донаторски карактер, уметничките дела насликани од академски уметници и талентирани лица со телесен инвалидитет беа понудени на продажба по симбилична цена од 200 евра во денарска противвредност. Исклучително важно е да се потенцира дека финансиските средства прибрaни од продадените уметнички дела ќе бидат употребени за натамошно зголемување на обемот и квалитетот на сликарската колонија во смисол, поред академските сликари, да бидат вклучени поголем број на лица со телесен инвалидитет од државите од регионот, како и за постојаните активности за остварување и подобрување на правата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија.
На изложбата присуствуваа членови од неколку наши општински и меѓуопштински здруженија, уметници, музичари, претставници на бизнис секторот, како и многу граѓани, почитувачи на активностите на Мобилност Македонија.
Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“ го реализираше во соработка со останатите национални инвалидски организации во составот на НСИОМ на централна прослава одржана на 03.12.2012 година во големата сала на ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје. На одбележувањето поред претставниците на националните инвалидски организации здружени во НСИОМ, присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој во своето обраќање до присутните говореше за значењето на денот и за заложбите и активностите кои министерството за труд и социјална политика ги презема за подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија. На одбележувањето присуствуваа и претставници од: здруженијата членки на националните инвалидски организации, здруженија на граѓани за подршка на лицата со инвалидност, други невладини организации, министерства, научни институции, здравствени институции, образовни институции, социјални установи и институции, како и поголем број на наши членови.