Одржано 18-то издание на Републичкиот квиз натпревар
И годинава, од 23-25.11.2012 година, хотелот “Цар Самуил” во с.Банско, Струмица беше домаќин на републичкиот Квиз натпревар за лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на Националниот сојузот на телесно инвалидизираните лица на Македонија – Мобилност Македонија, кој овојпат го забележа своето 18-то издание. И овојпат во техничкиот дел за изнајмување на натпреварувачките пултови и миксета со озвучување имавме поддршка од претставниците на Народна техника од Струмица. Седумнаесет екипи од шеснаесет општински и меѓуопштонски здруженија два дена ги одмеруваа силите за да го освојат епитетот на најуспешни квизаџии од редот на лицата со телесна инвалидност на Македонија за 2012 година. За жал и годинава единствено екипата од Мобилност Струга не учествуваше на натпреварот.
Шеста меѓународна конференција за правата на лицата со инвалидност – Сански Мост
Во организација на Координацискиот одбор на кантонални инвалидски здруженија и сојузи на Унско-Сански кантон, под мотото „Делуваме заедно“ на 14 и 15 ноември 2012 година во Сански Мост беше одржана шестата меѓународна конференција за статусот и правата на лицата со инвалидност, на која учествуваа преку 220 учесници од Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора. На покана на организаторот на конференцијата учествуваше и делегација на Мобилност Македонија во состав: Бранимир Јовановски – претседател, Софка Прчева – генерален секретар, др.Нико Јанков и Ефтимчо Атанасовски – членови на Управен одбор. Претседателот на Мобилност Македонија имаше излагање вториот работен ден од конференцијата на тема: „Искуства за фазите на носењето на Националната стратегија за подобрување на правата и изедначување на можностите на лицата со инвалидност во Република Македонија“, тема која всушност беше практичен приказ на поврзаноста на институциите на државата со невладините организации во креирање, усвојување и спроведување на стратешки документи од областа на правата на лицата со инвалидност, како што е Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија (ревидирана) 2010-2018. Оваа излагање и стратешките документи кои им ги оставивме на користење на колегите од Унско-Санскиот кантот ќе им биде од голема помош на организаторот на настанот, бидејќи ова конференција беше посветена на изработка на Стратегија за изедначување на можностите на лицата со инвалидност во Унско-Санскиот кантон во федерацијата Босна и Херцеговина.
Трет Републички турнир во табла во организација на Мобилност Тетово
На 10.11.2012 година беше одржан третиот Републички турнир во табла за лица со телесен инвалидитет на Македонија. Турнирот беше одржан во ресторанот „Арена“ во Тетово. Мобилност Тетово и Гостивар и оваа година беа домаќини на турнирот.
Од вкупо 17 здруженија на Мобилност Македонија, на турнирот земаа учество претставници од 11 здруженија со по тројца натпреварувачи. Здружението Мобилност Скопје настапи со седум натпреварувачи. Настапија вкупно 32 натпреварувачи, кои разигруваа во две групи по систем на елиминација. Првите двајца од двете елиминаторни групи играа финале и се бореа за прво и второ место, а второпласираните од елиминаторните групи се бореа за трето место.
Одржана VIII седница на Управниот одбор на Мобилност Македонија
На 30.10.2012 година во ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје беше одржана VIII седница на Управниот одбор на Мобилност Македонија. На дневниот ред на седницата беа поставени и дискутирани повеќе прашања и беа донесени соодветни одлуки.