Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, на 1 декември прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.
На средбата Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија го претставуваше генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софка Прчева.
Претставниците на националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија изразија благодарност за досегашната поддршка од претседателот Иванов, како и за можноста преку ваквите средби да го информираат за положбата на лицата со инвалидност за актуелните предизвици со кои тие се соочуваат, како и за нивните активности во насока на доследно спроведување на законската легислатива, со цел подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.
Центарот за ортотика и протетика „СЛАВЕЈ“ од Скопје на 02.12.2017 година во ДХО „Даре Џамбаз“ за членовите на Мобилност Македонија организираше настан по повод одбележувањето на 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, стендап комедија со Весна Петрушевска, проследена со коктел забава и дружење.
Мобилност Македонија изразува голема благодарност до директорот на „Славеј“, Горан Чаловски за овој прекрасен гест на кој со солзи од смеа уживаа стотина членови на нашиот сојуз.
На 01.12.2017 година во „Порта Македонија“ со почеток во 19 часот, во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија, уметници - учесници на колониите, поддржувачи на работата на сојузот и други гости, беше отворена изложбата на делата од седмата и осмата меѓународна ликовна колонија, одржани во 2016 и 2017 година.
Претседателот на сојузот Бранимир Јовановски истакна: „Мобилност Македонија одамна го има препознаено талентот на дел од своето членство кон ликовната уметност и со цел да се унапреди и промовира нивното делување на ова поле, започнавме со организирање на ликовна колонија. Веќе првата беше меѓународна и го оправда своето постоење, така да од година во година се нижеа и стасаа до бројката осум. На колониите учествувале академски уметници и лица со телесен инвалидитет од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка и Македонија, а имаме најава дека следната гдина ќе им се придружат и уметници од Германија и Босна и Херцеговина. Ова колонија е единствена од овој вид во нашата република, покажа и докажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и инвалидност, и нејзиното организирање има за цел да докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се доминантни и над предрасудите дека техничката изведба е најважна.“
„Во изминатиот период покажавме дека само со дискусија и со насочување на финансиските средства кон лицата со попреченост и нивните потреби можеме да направиме итни промени“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред почетокот на меѓународната конференција „Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост – искуства од регионот“ во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.
Таа посочи дека во Законот за социјална заштита веќе регулирале одредени работи, а во собраниска процедура веќе е Законот за пензиско и инвалидско осигурување каде дозволуваат семејна пензија кај лица со попреченост кои некогаш имале активен работен однос, затоа што досега немаа право на семејната пензија.