На 05.09.2017 година, по барање на Мобилност Македонија, беше одржан работен состанок со новиот директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Ден Дончев. На состанокот присуствуваше и Д-р. Венко Филипче, советник за здравство на премиерот Зоран Заев.
Пред директорот и советникот на премиерот, ги изнесовме барањата кои подолг временски период се предмет на разговори и преговори на претставниците на Мобилност Македонија со претставниците на фондот во однос на: враќање на правото за доплата на ортопедското помагало или негова компонента за изработка над референтна цена, зголемување на референтните цени на ортопедските помагала, вклучување на пософистицирани помагала во листата на ортопедски помагала во Правилникот, намалување на роковите за користење на помагалата, склучување на договор помеѓу фондот и ортопедските куќи за цела палета на ортопедски помагала (и индивидуално изработените и сериските помагала) и средствата за инконтиненција, но и зајакнување на критериумите за продолжување на договорите за дистрибуција на помагалата на аптеките (соодветен интимен простор за земање на мерка и проба, тоалет, пристапност на објектот, соодветен стручен кадар и сл...), утврдување на стандардот на ортопедските помагала и воведување на шифрарник за сите ортопедски помагала по ИСО стандарди кои ќе бидат ставени на листата на фондот....и уште многу други предлози и прашања.
Екипа на Мобилност Македонија во состав: Бранимир Јовановски, Елена Давитковска, Зоран Јовановски, Александар Јовановски и Гоце Миновски, учествуваше на 25-тите Републички спортски игри на Сојузот на параплегичари и тетраплегичари на Србија (СПИКС), кои од 31.08 - 02.09.2017 година се одржаа во Борско Језеро со учество на 111 натпреварувачи од вкупно 14 екипи и тоа 11 здруженија од Србија и 3 поканети држави: Македонија, Словенија и БиХ.
Нашите натпреварувачи учествуваа во стрелаштво со воздушна пушка и во атлетика (копје, диск и ѓуле) и постигнаа забележителни резултати освојувајќи 8 поединечни медали (3 златни, 3 сребрени и 2 бронзени) и 1 екипен сребрен медал. Од оваа година домаќините на игрите донеле одлука да и натпреварувачите - гости од другите држави да се натпреваруваат во конкуренција и за пласман и медали согласно пропозициите на домаќинот.
Во канцеларијата на Мобилност Македонија на 25.08.2017 година беше одржан работен состанок со советникот за здравство во Владата на РМ, д-р. Венко Филипче. На состанокот беа апострофирани насоките сублимирани од нашето членство во однос на измена и дополнување на легислативата од областа на здравствената заштита за лицата со телесен инвалидитет, со посебен акцент на ортопедските помагала, и тоа во насока наЧ враќање на правото на доплата за набавка на ортопедските помагала над референтната цена, склучување на договор со ортопедските куќи за изработка и дистрибуција на цела палета на ортопедски и други помагала, зголемување на референтни цени на ортопедските помагала, воведување на пософистицирани помагала и делови за изработка на ортопедски помагала, рокови на користење и можност на поправка......
- Владата гради општество на еднакви граѓани, лицата со инвалидност активно се вклучуваат во општествените процеси;
По барање на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на 11.08.2017 година во 16,30 часот се сретна со претставници на сојузот, претседателот Бранимир Јовановски, генералниот секретар Софка Прчева, како и со раководителот на стручната служба на ДХО „Даре Џамбаз“, Драган Дојчиноски.
Претседателот на Мобилност Македонија му го честита изборот на Зоран Заев за Претседател на Владата на РМ, а мотив за денешната средба е интересот на Мобилност Македонија во најавените реформи на Владата на РМ за подобрување на животот на граѓаните на РМ и лицата со телесен инвалидитет, како и лицата со останатите инвалидитети, да не останат по страна и рамноправно да го почувствуваат бенефитит на инклузијата и изедначување на можностите со останатите граѓани на нашата Држава.