НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1ЕВН Македонија донираше возило наменето за задоволување на потребите на лицата со телесен инвалидитет, членови на здружението „Мобилност Тетово и Гостивар“. Возилото кое носи порака „Со љубов за полесно движење”, ќе се користи за превоз на лицата со телесен инвалидитет при лекарски прегледи, настава и други социјални активности.

„Веќе три години живеам во Република Македонија и сметам дека е прекрасна земја, но сепак би рекол дека нема многу добри услови за лицата со посебни потреби. За тоа не смееме да впериме прст само во државата и во локалната самоуправа, некогаш треба и граѓанското општество и компаниите да направиме нешто за подобрување на тие услови“ рече г-дин Штефан Петер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

„Како одговорна компанија сме горди што со овој чин и преку соработката со граѓански здруженија и организации придонесуваме за подобрување на условите за лицата со посебни потреби” додаде г-дин Петер на примопредавањето на донацијата.

На настанот присуствуваше и Градоначалничката на општина Тетово, г-ѓа Теута Арифи, која изрази благодарност за донацијата.

„Ми претставува задоволство што со донацијата на ЕВН Македонија се прави добро дело за здружението „Мобилност Тетово и Гостивар“ кое има секогаш поддршка и од општината. Се надевам дека во иднина ќе имаме и други компании кои ќе се вклучат во проекти што ќе им помагаат на лицата со посебни потреби и ќе придонесат тие да не се чувствуваат дискриминирани.”

Возилото ќе го користат над 700 членови на здружението „Мобилност“ од регионот на Гостивар и Тетово, како и соседните општини за што посебна благодарност изрази и Велибор Јаќимовски, претседател на здружението. Инаку, иницијативата за набавка на возилото за лицата со посебни потреби е на пратеничката на СДСМ, г-ѓа Ѓулумсер Касапи.