Унапредување на услугите за социјална вклученост на лицата со инвалидност
На 08.10.2015 година во ЕУ Инфо центарот во скопје беше извршена промоција на Проектот „Унапредување на услугите за социјална вклученост на лицата со инвалидност“, финансиран од Европска Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), кој ќе го спроведе Министерството за труд и социјална политика во наредните две години. Мобилност Македонија е активно вклучена во проектот.
Вредноста на проектот, што беше промовиран изнесува 1.366.250 евра. Ќе го спроведе конзорциум предводен од WYG International Ltd. Потписник на договорот е Министерството за финансии.
Целта е да се подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените со инвалидност кои се во понеповолна положба и да се унапредат еднаквите можности на пазарот на труд.
На 05.10.2015 година со почеток во 10.30 часот, во големата сала на ДХО “Даре Џамбаз”, се одржа работилница во рамките на второто издание на проектот за “Достапна администрација за лицата со инвалидност” на која во организација на Заводот за социјални дејности - Скопје, а со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, пред повеќе од 70 лица вработени во јавната администрација на локално ниво од повеќето локални самоуправи и државни институции, од.страна на Бранимир Јовановски беше презентирана “личната карта” на Мобилност Македонија, програмските цели и задачи, досегашните остварувања во однос на подобрувањето на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ, како и проблемите со кои се соочуваат лицата со телесен инвалидитет при образование, вработување или остварување на некое право во локалните самоуправи и во институциите на државата.
На 03-04.10.2015, во хотелот „Мизо“ во Охрид, во организација на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, се одржа 27-то Државно првенство во шах за лица со телесен инвалидитет на Македонија.
Учествуваа 21 натпреварувачи од 11 здруженија. Првото место го освои Јанчо Ѓорѓевски од Куманово со освоени 6,5 поени од можни 7, второто Љупчо Филипов од Кочани со 5,5 поени, а третото Горан Војновски од Кочани со 5 поени. Согласно пропозициите, првопласираните 10 натпреварувачи и тоа: Јанчо Ѓорѓевски-Куманово, Љупчо Филипов-Кочани, Горан Војновски-Кочани, Мирослав Бучевски-Скопје, Ристо Фотевски-Скопје, Наум Абов-Скопје, Горјан Свеќанцоски-Прилеп, Тоде Арсов-Штип, Адем Неби-Скопје и Билал Биберовиќ-Велес, директно се пласираа за следното 28-мо првенство кое ќе се одржи идната година.
Последните 5 шахист: Мирче Коцев, Ване Коцев, Атли Горенца, Драгиша Дукадиновски и Иле Панзов, немаат право на учество следната година, но нивните здруженија ќе имаат право да пријават други шахисти за учество на првенството.
Делегација од „Мобилност Македонија“ учествуваше на 10. јубилејно издание на традиционалните музички средби на лицата со инвалидност „Поморје 2015“ во соседна Бугарија, кое се одржуваше од 26 до 31 август 2015 година. Како и досега, организатор е фондацијата „Сила за живот“ од Велико Трново. Покрај вообичаениот патрон на манифестацијата – градоначалникот на Поморје, веќе втор пат покровител е и народниот правобранител на Р. Бугарија.
За време на манифестацијата се остварени повеќе средби и разговори за идна соработка, а нашите претставници во музичкиот дел: Никола, Севдет и Соте се прикажаа во најдобро светло. Од настаните споделивме убави мигови кои ќе ни останат во сеќавање.