Во организација на кантоналните здруженија на лицата со инвалидност од Унско-Санскиот кантон во Бих, од 29 до 31 октомври во Сански Мост по 13. пат се одржа меѓународната конференција „Да делуваме заедно“. „Мобилност Македонија“ традиционално учествува и конструктивно придонесува во работата на конференцијата, и овој пат со импресивен настап на претседателот Бранимир Јовановски на тема „Развој на социјални услуги за поддршка на лицата со инвалидност – Преглед на тековните реформи во насока на деинституционализација во Република Северна Македонија“, за успесите на деинституционализацијата и првичните резултати, во организација и полна изведба на МТСП.
На 22.10.2019 година во просториите на ФЗОМ се одржа работен состанок помеѓу претставниците на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и Софка Прчева, Комисијата за ортопедски помагала при ФЗОМ, д-р Вера Митровска, Фатон Мемети, Весна, Марковска, Даниела Стојановска-Џинговска, и Центарот за ортотика и протетика Славеј од Скопје, Горан Чаловски.
На состанокот бевме информирани дека нашите напори и долгогодишни преговори со ФЗОМ конечно се реализираат и дека веќе е донесена одлука за измени и дополненија на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала во однос на компоненти за изработка на протези и дека се чека измените да бидат објавени во Сл.Весник на РСМ.
На 20.08.2019 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, на покана од посебниот советник за правда, Тања Чачарова Илиевска, беше одржан работен состанок помеѓу претставниците на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и Софка Прчева, директорот на ЦОП „Славеј“-Скопје, Горан Чаловски, директорите на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани, директорот на сектор за финансиски прашања при фондот, Миле Сугарев, советникот на директорот на ФЗОМ за ортопедски помагала, Даниела Стојановска-Џинговска, раководителот на одделение за договори со здравствени установи, Фатон Мемети и претседателот на НКТ за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, Спасе Додевски.
На 10.09.2019 година во хотел Солун во Скопје се одржа состанок на работната група на дел од проектот: ,,Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Р. Северна Македонија". На состанокот присуствуваше секретарот на Мобилност Тетово и Гостивар, Фани Јаќимовска, а беа присутни и претставници од други невладини организации, претставници од медиумски куќи, од Министерство за труд и социјална политика, како и претставници од Коалиција Сите за правично судење, кои го имплементираат овој проект со поддршка на УСАИД за граѓанско учество.