НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

3На 04.12.2019 година во Прилеп, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија  – Мобилност Македонија, беше одбележан 4.Декември, Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Тема на одбележувањето оваа година беше „Да ги премостиме архитектонските бариери - Пристапна Македонија“.  Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, ги посочи активностите кои претставниците на сојузот ги преземаат, во насока на носење законски измени за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет.

„На овој ден сплотени и достоинствено се обидуваме да ја подигнеме јавната свест за
потребите на лицата со телесен инвалидитет. Оваа година многу напорно работевме на две теми: пристапност и ортопедски помагала. Во тек е носење на Закон за градење, каде од страна на нашиот Сојуз во континуитет се работи со Министерството за труд и социјална политика, преку сугестии и теми да се подобри текстот на законот за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет, бидејќи архитектонските бариери се основна пречка за целосна социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет. Попреченото движење по тротоарите и непристапноста до одредени институции, како и несоодветните ортопедски помагала се главните проблеми за чие решавање е потребен ангажман на локалните заедници и на државните институции“, посочи Бранимир Јовановски – претседател на Мобилност Македонија.

Според градоначалникот Илија Јованоски, Општина Прилеп се стреми кон подобрување на условите за живот на лицата со телесен инвалидитет.

„4.Декември, Ден на лицата со телесен инвалидитет, има за цел промовирање на правата на оваа категорија на лица, во насока на нивна еднаквост и поголемо разбирање за нивните потреби и проблеми. Нашата цел е да се подобрат благосостојбата и квалитетот на животот на овие лица, во сите сфери на општественото живеење. Одбележувањето на овој ден има за цел да го сврти вниманието и да ја зголеми свеста кај сите нас присутни овде за потребите и проблемите со кои се соочуваат овие лица. Сето тоа со цел посветено и одговорно да работиме на разбивање на бариерата, заеднички да се избориме со предрасудите, да создадеме услови и можности за нивна поголема самостојност и независност, а со тоа и нивна поголема инклузија во општеството и нивно активно учество насекаде“, истакна градоначалникот Јованоски.