НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

torta1Одржана најслатката манифестација на Mобилност  Mакедонија

Здружението на лица со телесен инвалидитет на Струмица – Мобилност Струмица и оваа година петнаесетта по ред беше успешен домаќин на традиционалната  „Тортијада„, најслатката манифестација што финансисики ја подржува Мобилност Македонија.  Манифестацијата се одржа на 24 ноември во Банско - Струмица, и на неа учествуваа 12 здруженија на Мобилност Македонија и тоа од Скопје, Струмица, Тетово и Гостивар, Битола,  Кавадарци, Кичево, Штип, Кочани, Радовиш, Гевгелија, Велес и Куманово како  и Сојузот на лица заболени од мултипла склероза на северно банатскиот округ со седиште во Нови Кнежевац Србија.

Според пропозициите на организаторот, учесниците  готовите теста ги филуваа и украсуваа неколку часови пред манифестацијта. Жири комисијата која го следеше подготвувањето на тортите беше  во состав: Лилјана Матеничарска, претседател на Мобилност Струмица, Славка Тотова секретар во Мобилност Кавадарци и Софка  Прчева генерален секретар на Мобилност Македонија. Според жири комисијата поголеми отстапување од пропозициите немаше, иако  сите торти беа донесени во рзлична фаза на изработка. Меѓутоа, сите учесници покажаа врвно мајсторство во изработка на слатките украсни фигури. Исто така и идеите за изгледот на тортата и пораката што ја носат со самиот изглед беа восхитувачки. Па така имаше торта со Пепелашка и изгубениот чевел наменета за деца, музичка торта во вид на пијано, љубовна торта со жар црвени срца, чоколадна торта, звездена торта, пеперутка торта,торта во вид на табла, јубилејна торта и многу други.

Тортите беа изложени во големата сала на хотелот „Цар Самуил„ пред повеќе од 250 гости. Најбројни беа членовите на Мобилност Македонија, децата штитеници на Заводот за згрижување и рехабилитација на деца и младинци во Банско, градоначалникот на градот Струмица Зоран Заев, претставници од јавните претпријатија во Струмица, претставници од бизнис секторот во Струмица, директорот на Ортопедскиот завод „Славеј“ Горан Чаловски, и многу пријатели и помагатели на лицата со телесен инвалидитет. Гости на оваа манифестација беа и претставниците на Фондацијата „Сила на животот“ од Велико Трново, Република Бугарија.

Водителот на манифестацијата Ѓорѓи Калајџиев, новинар и уредник во струмичката телевизија „Вис“, тортите на присутните гости им ги претстави  на многу интересен и хумористичен начин.

Жири комисијата во состав: Македонка Георгиева претставничка од Јавното комунално претпријатие во Струмица, Јасмина Чаловска професор на Машинскиот факултет во Скопје, и Зорница Добрева Стефанова извршен директор на Фондацијата „Сила за животот“ од Бугарија, имаа тешка и напорна задача во оценувањето на изложените торти. Со особено внимание ги разгледуваа и пробуваа  од тортите. Ја пофалија креативноста на учесниците и неможејќи да се одлучат за најдобрата, сите торти ги прогласија за победнички и за сите торти имаа свој коментар како: сочна и свежа, со разигран вкус, најчоколадна, торта направена по ХАСАП, мешавина од вкусови и слично. Но имаше и ваков кометар: „вкусна и сочна торта што подсетува  на свежо избричен маж“.

Дел од тортите беа поделени на гостите, а останатите беа подарени на штитениците од Заводот за згрижување и рехабилитација на деца и младинци во Банско.