НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

konf2Шеста меѓународна конференција за правата на лицата со инвалидност – Сански Мост

Во организација на Координацискиот одбор на кантонални инвалидски здруженија и сојузи на Унско-Сански кантон, под мотото „Делуваме заедно“ на 14 и 15 ноември 2012 година во Сански Мост беше одржана шестата меѓународна конференција за статусот и правата на лицата со инвалидност, на која  учествуваа преку 220 учесници од Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора. На покана на организаторот на конференцијата учествуваше и делегација на Мобилност Македонија во состав: Бранимир Јовановски – претседател, Софка Прчева – генерален секретар, др.Нико Јанков и Ефтимчо Атанасовски – членови на Управен одбор. Претседателот на Мобилност Македонија имаше излагање вториот работен ден од конференцијата на тема: „Искуства за фазите на носењето на Националната стратегија за подобрување на правата и изедначување на можностите на лицата со инвалидност во Република Македонија“, тема која всушност беше практичен приказ на поврзаноста на институциите на државата со невладините организации во креирање, усвојување и спроведување на стратешки документи од областа на правата на лицата со инвалидност, како што е Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија (ревидирана) 2010-2018. Оваа излагање и стратешките документи кои им ги оставивме на користење на колегите од Унско-Санскиот кантот ќе им биде од голема помош на организаторот на настанот, бидејќи ова конференција беше посветена на изработка на Стратегија за изедначување на можностите на лицата со инвалидност во Унско-Санскиот кантон во федерацијата Босна и Херцеговина.

Конференцијата ја отвори г-дин Јусмир Алибабиќ, претседател на Коалицијата за Стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност на Унско-Санскиот кантон, а за рамката на Стратегијата зборуваше г-дин Харис Хавериќ. Во натамошниот тек на конференцијата во првиот ден свои излагања имаа: Марина Вујачиќ од здружението „Млади со хендикеп на Црна Гора“ која зборуваше на тема „Сервиси на поддршка за лицата со инвалидност – со нагласок на имплементација на мерките од Стратегијата за интеграција на лицата со инвалидност за период 2008-2016, моментални состојби и искуства од Црна Гора“, потоа претставникот на Црвен Крст од Германија, г-дин Вернер Берхерт кој зборуваше на тема „Дали законите можат да влијаат на интеграцијата на лицата со инвалидност во позитивен смисол“, за „Практиката на инклузивно образование на децата со инвалидност во Босна и Херцеговина“ зборуваше г-дин Фехим Халиловиќ, стручен советник во Педагошкиот завод во Дистриктот Брчко, за „Учеството на младите со хендикеп во различни општествени сегменти и процеси“ зборуваше г-дин Милан Јанковиќ, претседател на здружение на студенти со хендикеп на Република Србија, а последен излагач на конференцијата во првиот работен ден беше г-дин Томислав Велиќ, претседател на здружението „Бубамара“ на тема „Улогата и значењето на општеството во интеграцијата на лицата со инвалидност“.

Вториот работен ден започна со излагањето на тема „Запослување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност – пример на добра практика на ДОО Лотосице“ од страна на извршниот директор на здружението Лотосице, г-ѓа Ениса Братановиќ, за „Искуствара стекнати од основањето до денес на здружението Либеншилф“ зборуваше Дијана Дуриќ, претставник од Германија. Следниот презентер, г-дин Зоран Тепиќ претставник од Фондот на Република Српска, дискутираше на тема „Искуство од примена на законите и Фондот за професионална рехабилитација и запослување во Република Српска“, а во продолжение на конференцијата за „Рехабилитацијата на параплегичарите и тетраплегичарите – пример на добра практика на Република Словенија“ зборуваше г-ѓа Барбара Слачек. Предпоследно излагање во вториот работен ден беше излагањето на претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски на тема „Искуства за фазите на носењето на Националната стратегија за подобрување на правата и изеднаќување на можностите на лицата со инвалидност во Република Македонија“, а работниот дел на конференцијата го затвори г-дин Милан Јанковиќ со темата „Образованието на лицата со инвалидност на сите нивоа во Република Србија“.

Можеме да кажеме дека темите беа пропратени со исклучително внимание од страна на организаторите и учесниците на конференцијата, беа поставени многу прашања, дадени бројни одговори, беа презентирани многу добри практики, но и проблеми со кои се соочуваат лицата со инвалидност. Констатација е дека меѓународната конференција ја исполни својата цел, даде можност за размена на искуства на земјите во регионот за движењето за подобрување на правата на лицата со инвалидност, ги сублимира постигнувањата во одделните држави од регионот и собра дволно искуства и добри практики за фазите на донесувањето и начинот на кој треба потоа да биде имплементирана Стратегијата за изедначување на можностите на лицата со инвалидност на Унско-Санскиот кантон, а ние веруваме во подоцнежна фаза и на ниво на Федерацијата Босна и Херцеговина.

Конференцијата беше следена од бројни медиуми, сите излагачи имаа можност да дадат изјави за локалните електронски и печатени медиуми, а за положбата на лицата со телесен инвалидитет, како и за тешкотиите со кои се среќаваат во Република Македонија, десет минутно интервју за босанска телевизија даде претседателот на Мобилност Македонија.