Церебралната парализа е несакан глобален феномен. Светскиот ден на церебралната парализа, кој се одбележува секоја година на 6 октомври, има за цел да не потсети дека во светот денес живеат повеќе од 17 милиони луѓе погодени од ова нарушување.
Церебралната парализа е еден од најчестите телесни попречености што, за жал ги погодува најранливите меѓу нас - децата. Дополнително, церебралната парализа останува присутна низ текот на целиот животен век на детето без ефикасен лек за целосен опоравок, но со можност, со примена на одредени медицински третмани, физикални вежби, ортопедски помагала и оперативни зафати, истата значително да се подобри.
Церебрална парализа е најчестата доживотна физичка попреченост, но сепак останува еден од најнедоволно финансираните и занемарените проблеми со попреченоста и глобалното здравје. Многу луѓе кои живеат со церебрална парализа се соочуваат со пречки, од недостаток на пристап до здравствена заштита и образование до социјална исклученост и дискриминација при вработување.
Светскиот ден на церебрална парализа постои за да го промени тоа.
Церебралната парализа не е болест.
Со цел правилно да се согледа церебралната парализа, важно е да се каже дека таа не е болест. Всушност, церебралната парализа се смета за нарушување, а ефектите и последиците од церебрална парализа се разликуваат од личност до личност. Тие вклучуваат од слабост во едната или двете раце, епилепсија,интелектуална попреченост, до целосна неспособност да се контролира движењето.
Светскиот ден за церебралната парализа треба да промовира инклузија
Еден од поголемите цели на Светскиот ден на церебралната парализа е да промовира поинклузивно општество за лицата со церебрална парализа. Еден од начините да се постигне ова е да се едуцира светот за фактот дека церебралната парализа не е изолирано нарушување.
Во многу општества, луѓето со церебралната парализа или се жалат дека се презаштитени - или на нив се гледа со доза на сомневање. Во други пак празноверието оди дури до таму, што некои култури во светот веруваат дека мајката била проколната бидејќи направила нешто погрешно за време на бременоста штом нејзиното дете е родено со церебрална парализа. Светскиот ден на церебралната парализа е можност сите засегнати да преземат акции што ќе доведат до поотворени умови и поинклузивни општества.
Ајде годинава сите ние да станеме катализатор на промени и секој на свој начин, и во рамките на своите можности, да придонесе кон подобрувањето на животот на лицата со церебрална парализа.
А нивниот живот не е нималку розов, ниту лесен или едноставен.
Лицата со церебрална парализа, нивните најблиски, родителите, браќата, сестрите, силно ја чувствуваат недоволната грижа од општеството за подобар, посигурен, посамостоен и посодржаен живот, и тоа во повеќе аспекти од нивното секојдневие.
Потполно сме свесни дека денес можеби нема да решиме ниту едно нивни суштинско прашање или потреба, дека нема да разјасниме некоја битна недоумица или дилема, но можеме и треба, да спомнеме дел од суштинските проблеми кои им го отежнуваат животот, прашања и иницијативи кои подолго време чекаат на реализација, започнувајќи притоа континуирани активности со надлежните институции за нивно конечно и позитивно разрешување.
Неколку факти за церебрална парализа што ќе ве натераат на размислување:
ЦП главно ги погодува децата. Бројките се вознемирувачки.
Едно од четири деца со ЦП не е во можност да зборува;
Едно од три деца со ЦП не може да оди;
Едно од две деца со ЦП се соочува со некоја форма на ментална или интелектуална попреченост; и
Едно од четири деца со ЦП има епилепсија.
ЦП ги погодува доенчињата. Едно од 500 новороденчиња е родено со церебрална парализа.
Скоро половина од луѓето со ЦП се родени предвреме.
Церебрална парализа стигматизира. Во многу општества ширум светот, луѓето со ЦП се чуваат необразовани и скриени од остатокот на популацијата во заедницата.
Мобилност Македонија со своето посветено работење преку разни форми на делување за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија, денес претставува катализатор на промените за подобрување на животот на лицата со церебрална парализа.
Клучните области на промени вклучуваат подобрување на:
Нивото на Јавната свест;
Образование;
Квалитетот на животот;
Медицински и терапевтски третмани;
Давање наш придонес;
Граѓански права итн.
Со годинешното одбележување на 6. Октомври - Ден на Церебрална
Парализа, Мобилност Македонија всушност започнува кампања од која се очекува да резултира со:
-подигање на нивото на јавната свест за потребите на лицата со церебрална парализа;
-директна комуникација со надлежните институции надлежни за остварување на посебните права на лицата со церебрална парализа;
-одржување на тематски работилници на кои ќе се разработат и сублимираат предлозите со користење на компаративни искуства од земјите од регионот и пошироко и подготвување на барање за измени и дополнувања на законите и подзаконските акти.
Мобилност Македонија,
Бранимир Јовановски