НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

001На 29.03.2023 година во ресторан Грација во Куманово, меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) организираше тркалезната маса за учеството на лицата со попреченост во изборните процеси.
Правото на рамноправно учество во изборните процеси за лицата со попреченост – да бидат гласачи, кандидати, членови на изборни органи или набљудувачи – е од особена важност за обезбедување демократски изборен процес кој ги исполнува критериумите за етика и интегритет. Овој настан ги вклучи засегнатите страни во истражување на можностите и опциите за постигнување на поправедна застапеност на лицата со попреченост во изборните процеси, со цел да се придонесе не само кон подобри законски и политички решенија за лицата со попреченост, туку и кон подобро општество за сите.
По краткото поздравно обраќање на модераторот на настанот, поздравен говор имаше Јоана Козма, директорка на Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје.
Осврт кон изборните реформи за еднакво учество на лицата со попреченост даде Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), додека за резултатите и клучните согледувања од Анализата за етика и интегритет во изборниот процес за лицата со попреченост говореа: Маргарита Цаца Николовска од Институт за човекови права, и Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.
Во делот од дискусијата имаше пријавено повеќе дискутанти, меѓу кои и претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, кој истакна дека и Мобилност Македонија, како и останатите национални инвалидски организации, долги години наназад активно учествува во подобрување на изборниот процес преку директно учество на свои членови во улога на обучувачи, набљудувачи или анкетари за пристапност на изборните гласачки места, за кои е изработена и соодветна студија. Истакна дека најголем проблем а вклученоста на лицата со инвалидност како гласачи, како активни учесници на изборните гласачки листи или како набљудувачи на изборниот процес, се бариерите кои оневозможуваат приостапност до и во гласачките места, потоа форматите на кампањите и гласачките ливчиња кои не се достапни за сите лица со инвалидност, но и се уште постоечката парадигма дека лицата со инвалидност се болни и немоќни, што дополнително придонесува кон ова состојба.
НСИОМ и здружените национални инвалидски организации, пред одржувањето на последниот извршен попис во нашата држава, побараа од ДИК и од Собранието на РСМ во гласачките ливчиња да бидат вметнат графи и прашања со кои на некој начин ќе се преброиме и ќе се утврди на колкава популација и е потребен каков тип на поддршка, но за жал тоа не се случи. Се надеваме дека во најскоро време ќе се комплетира Регистарот на лица со попреченост (инвалидност), кој би требало да го ажурира Министерството за труд и социјална политика, па на ваков или онаков начин да се преброиме, како би можеле институциите да кројат подобри политики, оти ќе имаат претстава одредена услуга или воспоставено право за колкава популација ќе се однесува и какви би биле фискалните импликации за реализација на истите.
Од друга страна, и малкуте лица со инвалидност кои се одважија да бидат дел од гласачките листи, беа обично на ниски, недобитни места, што самата постапка од нивно вклучување во изборниот процес ја прави повеќе форма, отколку суштина. За жал во нашата држава (за разлика од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија..) до сега ниту едно лице со инвалидност не доби доверба да биде избрано за пратеник во Собранието, да ја добие можноста директно од собраниската говорница да се обрати до широкиот аудиториум и да проговори за потребите на лицата со инвалидност, да може со колегите пратеници да поднесува амандмани и да бара измени и дополнувања на законите, туку обично нашите потреби беа интерпретирани од другите пратеници (што и не е лошо), меѓутоа сметам дека е време да се интерпретираме сами и токму со тоа да придонесеме кон рушење на парадигмата за болест и неспособност на лицата со инвалидност.
Пристапноста на гласачките места треба да се постигне со премостување на бариерите (скалите), но не со било каква рампа, туку рампа согласно стандардите (1:20 или најмногу 1:12). Тоа во пракса значи дека за да се премости висинска разлика од 50цм (3 скали отприлика) потребна е рампа со должина од 10 метри (1:20) или најмалку од 6 метри (1:12), што не е случај на повеќето места. И не само тоа, потребно е да се обезбедат и пристапни тоалети, паркинг места, ракохвати...
Ако знаеме дека повеќето гласачки места се наоѓаат во училиштата или во канцелариите на подрачните единици на одредени министерства, со самото нивно приспособување за пристапни, генерално ја подобруваме пристапноста и до образовниот систем и услуги за граѓаните со попреченост. А за тоа колку е потребно да се подобри образовниот систем нека посведочи само податокот од Агенцијата за вработување според кој на почетокот на оваа година, од вкупно 1339 лица со инвалидност активни баратели на работа, 839 се без образование или со завршено основно образование и дополнително 215 лица со непотполно средно образование, апсолутно неконкурентни на пазарот на трудот.
Свесни сме дека ова не е обврска на ДИК бидејќи тие објекти не се во нивна сопственост, меѓутоа локалната самоуправа и генерално Владата на РСМ треба да прееме конкретни чекори за подобрување на ова состојба.
Тркалезната маса е дел од проектот Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија на Владата на Швајцарија, имплементиран од ИФЕС. Главната цел на проектот е да ги поддржи демократските и кредибилни изборни процеси што го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, овозможувајќи им на гласачите слободно да ги избираат своите претставници и да ги повикуваат на одговорност.