НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

040На 29.10.2022 година, во Струмица, во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет на Струмица - Мобилност Струмица, а со финансиска поддршка на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, се одржа 23-то издание на манифестацијата „Тортијада“, на која се натпреваруваа лица со телесен инвалидитет од 10 здружени членки на сојузот и тоа: Скопје, Куманово, Велес, Битола, Кавадарци, Радовиш, Гевгелија, Штип, Кочани и Струмица.
Целта на ова манифестација е инклузија на лицата со телесен инвалидитет преку истакнување на сопствените креативни способности, во една натпеварувачка атмосфера и во присуство на лица кои не се соочуваат со инвалидитет, дружење, размена на искуства и рушење на парадигмата дека лицата со инвалидност се болни и неспособни. Токму врвните креации од нашите членови го докажуваат спротивното.
Екипите кои беа пријавени за учество на манифестацијата „Тортијада 2022“ беа составени од по двајца членови, а според пропозициите донесените готови теста (пандишпани) требаше да ги украсат со рачно изработени украси. Декорирањето и изработката на украсите цело време беше следено од жири комисија составена од членките на здружението Вешта жена од Струмица.
На свечениот дел од манифестацијата беа претставени тортите и беа прогласени трите најуспешни декорации, во присуство на многу гости, членови на Мобилност Струмица, потоа градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, претставници на Мобилност Македонија, членови на Советот на општина Струмица, заменик на италијанскиот амбасадор во нашата земја, Марио Де Роси, претставници од ортопедските куќи „Славеј“ и „Медикус хелп“,преставници од инвалидска организација од Петрич, Бугарија, и други пријатели и помагатели на здружението Мобилност Струмица.
Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, во својот поздравен говор истакна: „ Какво задоволство, каков празник за очи и душа. Вечерва ја имам честа да ја отворам „најслатката“ манифестација на светот – традиционалната дваесет и трета по ред „Тортијада“ на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на „Мобилност – Струмица“, а под покровителство на „Мобилност – Македонија“. Десет торти од десет Здруженија на лица со телесен инвалидитет, од исто толку македонски градови, која од која поубава, која од која повкусна. Тортијадата, по којзнае кој пат, покажа дека инвалидитетот не е пречка за да се направи убава и вкусна торта. За тоа е потребно инвентивност, способност, креативноси и многу, многу љубов. Им честитам на сите учесници за покажаното мајсторство, а трите првонаградени Здруженија сепак се во втор план, во споредба со убавото дружење на лицата со телесен инвалидитет од сите краишта на Македонија. Довидување до следната Тортијада“.
Водител на манифестацијата традиционално по 22 пат беше Ѓорги Калајџиев.
Жири комисијата беше едноглсна во доделување на наградите.
Првата награда им припадна на натпреварувачките од Мобилност Гевгелија: Љубица Марковска и Благица Георгиева за тортата – „Калинка“.
Втората награда беше доделена на екипата од Мобилност Велес во состав: Зухра Демировска и Вања Павлова за тортата со назив „Водопад“.
Третата награда и припадна на екипата од Мобилност Струмица во состав: Славица Бусова и Верица Гукинска. Декорот на тортата беше инспириран од струмичкиот маскенбал, а тортата беше претставена под името „Маска“.
На наградените им беа доделени награди. Скромни подароци добија сите натпреварувачи. Сите торти заслужуваа да добијат награда како поради изгледот, така и поради пораката која ја носеа. На крај тортите беа послужени на присутните гости на манифестацијата.
Завршницата на ова манифестациајта беше исполнета со богата музичка и фолклорна програма на која учествуваа: КУД „Фолклорна низа“ од Струмица, музичката група „Трио фантастико“ и дуетот „Таки и Данела“.
Средства за одржување на оваа манифестација беа обезбедени од средства од даноци од игри на среќа, преку Министерство за труд и социјална политика.