НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

nkt01На 25.02.2021 година, во просториите на Владата на РСМ, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, и генералниот секретар Софка Прчева, одржаа работна средба со претседавачот на НКТ за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, Спасе Додевски, и Лидија Крстевска Дојчиновска, државен советник за следење на Програмата на Владата на РСМ.
На средбата ги презентиравме активностите кои ни се во тек, пред се во однос на новиот Закон за градење, со кој треба да се предвидат соодветни стандарди за пристапност на објектите и урбаната средина за лицата со инвалидност, и генерално пристапноста да се дефинира како стандард на градба, текст во чија изработка, како заинтересиран сојуз, во повеќе фази дававме конструктивни предлози и сугестии минатата година за подобрување на текстот во одност на прашањето за пристапноста, како и за казнените одредби во случај на непочитување на мерките, при што добивме ветување дека во најскор временски рок ќе ја добиеме најновата верзија на текстот на Законот.
Дискутиравме за потребата од преиспитување на работата на Комисијата за утврдување на право на надоместок за попреченост, односно за проблемот кој се јавува кај лица со телесен инвалидитет кои се на гранична возраст на критериумот за остварување на правото врз основа на старост согласно Законот за социјална заштита (до 65 годишна возраст) и времените решенија кои им ги издава комисијата, кои подоцна, кога ќе се појават на контролен преглед (а веќе наполниле 65 години во меѓувреме), на пример после една година, им претставуваат пречка за продолжување на правото на користење на надоместокот за попреченост. Наша заложба е еднаш оствареното право на лицето со телесен инвалидитет во законски предвидената старосна граница, да се продолжува понатаму без оглед на староста, доколку здравствената состојба на лицето е иста или се влошила од последниот контролен преглед, односно се додека неговата здравствена состојба не се подобрила значително и со самото тоа лицето повеќе не ги исполнува пропишаните здравствени критериуми. Секако, по ова прашање претстои и работен состанок со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Дискутиравме и за проблемот за паркирање на обележаните места за паркирање на возилата кои ги управуваат лицата со инвалидност во градот Скопје за лицата со инвалидност кои доаѓаат од другите населени места во државата (кои според важечката Одлука од градот Скопје немаат право да паркираат на тие места), особено за ослободување од плаќање на надомест за паркирање на лицата со телесен инвалидитет во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Наш предлог, додека подетално не се реши ова прашање, е да се овозможи непречено бесплатно паркирање за сите лица кои поседуваат електронска картичка за ослободување од плаќање на патарина. Овие лица со сигурност ги поминале строгите медицински побарувања од ЈП за државни патишта. што на некој начин е гаранција дека се работи за лица со тежок телесен инвалидитет и зголемена потреба да ги користат услугите на Клиничкиот центар. Секако, по ова прашање претстои работна средба со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, како и претставници од секторот од општината надлежен за ова прашање.