НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1На 20.08.2019 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, на покана од посебниот советник за правда, Тања Чачарова Илиевска, беше одржан работен состанок помеѓу претставниците на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и Софка Прчева, директорот на ЦОП „Славеј“-Скопје, Горан Чаловски, директорите на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани, директорот на сектор за финансиски прашања при фондот, Миле Сугарев, советникот на директорот на ФЗОМ за ортопедски помагала, Даниела Стојановска-Џинговска, раководителот на одделение за договори со здравствени установи, Фатон Мемети и претседателот на НКТ за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, Спасе Додевски.

Во повеќечасовната дискусија на состанокот беше констатирано дека иницијативата за донесување на нов Правилник за ортопедски помагала не е помрдната од почетната точка, без оглед на тоа што Мобилност Македонија уште пред една и половина година изработи и им го достави предлог новиот Правилник со пропратна документација. Констатиравме дека имаме чувство дека кога се однесува на воведување на нови ортопедски помагала на Листата на ортопедски помагала, времето како да застанало пред 20 години. Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски истакна дека во модерната ера на пософистицирани, пофункционални, посигурни ортопедски помагала, и постојани измени и дополнувања на правилницитеза ортопедски помагала во референтните држави од опкружувањето, недозволен и неприфатлив е изговорот дека нема средства за реализација на овие наши барања.

Претставниците на ФЗОМ истакнаа дека промените и воведувањето на нови, пософистирани ортопедски помагала побарува обезбедување на дополнителни средства во фондот, или прераспределување на средствата доделени за други ставки, што е практично невозможно, особено доколку се работи за средства во поголем обем.

На крајот на опширната дискусија, а во интерес на лицата со телесен инвалидитет да се помрднеме од „мртва точка“ во преговорите, беше донесен заклучок да се пристапи кон парцијално решавање на барањата на Мобилност Македонија во рамките на расположливиот буџет на фондот.

ФЗОМ зеде за задача до крајот на септември 2019 година да направи фискална анализа на потребни средства за воведување, во прва фаза на измени на Правилникот, стандардно лесни инвалидски колички (за сите постојани корисници), активни инвалидски колички (согласно посебни критериуми кои ќе ги изготви фондот врз основа на искуствата од државите од опкружувањето), силиконски катетри за самокатетаризација, а доколку може да се обезбедат доволно буџетски средства, правото за добивање на инвалидска количка на електромоторен погон да се растерети од критериумот корисникот да биде редовен студент или во редовен работен однос, односно истата да може да ја добие на сметка на фондот лице кое ги исполнува специфичните здравствени критериуми (неможност со сопствена сила на рацете да придвижува собна инвалидска количка).

Во следна фаза би се дискутирало за воведување на силиконски лајнери, со и без пин, за корисници на потколени и надколени протези, како и за воведување на пневматски и хидраулични коленски зглобови (наместо едноосовински механички колена) за лица кои користат надколени протези.