НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1На 07.04.2016 година во „Куќата на фудбалот“ на Македонија се одржа тематска работилница во рамките на соработката на Мобилност Македонија и ФФМ на која во ова прилика се приклучи и Македонскиот олимписки комитет. Беа презентирани повеќе теми, од претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски: „ПОЗИТИВНИ ИСКУСТВА И ПРЕДИЗВИЦИ СО КОИ СЕ СООЧУВААТ ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДИТЕТ“, од проект менаџерот на ФФМ, Ирена Бакревска-Милошевска: „ФУДБАЛ ЗА СИТЕ, ПРИСТАП ЗА СЕКОГО“, беа промовирани: Прирачник за создавање на инклузивни стадиони и позитивно искуство на ден на натпревар за навивачите со инвалидитет, и Службеници кои овозможуваат пристап на лицата со инвалидитет од локалните клубови од првата лига.

„Ве поздравувам од името на Фудбалската федерација на Македонија, наше е задоволството да се дружиме со поранешни големи спортисти, со нашите пријатели од Мобилност и нашите драги колеги од Македонскиот Олимписки Комитет. Оваа соработка отвора нова врата на меѓуинституционална, но и човечка соработка помеѓу нас и заедницата на луѓе со инвалидност во нашата земја. Стануваме свесни за нивните потреби, но и за нашите можности да одговориме на истите“, истакна Илчо Ѓорѓиоски, претседател на ФФМ, за официјалниот сајт на федерацијата.

Генералниот секретар на федерацијата, Филип Поповски изјави дека ФФМ ќе даде секаква поддршка за создавање еднакви можности за сите во фудбалската игра.

„Фудбалската Федерација на Македонија ќе даде секаква поддршка за креирање на еднакви можности за сите во фудбалскиот свет, без разлика на полот, религијата, националната припадност или физичките способности. Во рамки на своите можности ќе се обидеме да го имплементираме вклучувањето на лицата со телесен инвалидитет на спортските терени во Македонијана повеќе нивоа, почнувајќи со подобрување на инфраструктурата на стадионите, едукација и активности во рамките на федерацијата и на сите клубови. Мисија на ФФМ е да привлече, чува и негува различности за одржување на фудбалската игра и радоста која ја носи овој спорт, на што еднакво право имаат сите“, дополни генералниот секретар на ФФМ, Поповски.

Свое предавање во рамки на работилницата имаат Ирена Бакревска – Милошевска од Фудбалската федерација на Македонија, а предавање на тема: Моќта на немоќните имаше Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност.

„Спортската активност го ангажира лицето со инвалидност целосно и ја менува неговата емоционална состојба, заборава на својата инвалидност, се појавува самостојност, самодоверба и истрајност. Желбата за победа во спортот развива колективност и другарство. Во исто време спортистот се навикнува на пораз и неуспех. Тоа е многу важно во процесот на рехабилитација која многу често е врзана со големи психички напори кои лицето со инвалидност не може брзо и оддеднаш да ги совлада. Преку спортот стекнуваме доверба во своите можности“, рече Бранимир Јовановски во својата презентација.

Претседателот на Мобилност Македонија  ја поздрави намерата и поддршката од ФФМ во рамки на своите можности да се обиде да ги вклучи лицата со телесен инвалидитет на спортските терени во Македонија.

„Голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за поддршката која ни ја давате, во духот на спортот и различностите ве поздравувам од името на Мобилност – Македонија, национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија кој брои повеќе од 8.200 лица со телесен инвалидитет. Ви благодарам што заеднички се трудиме да ја срушиме парадигмата дека овие лица се болни и неспособни и што ни овозможувате да се чувствуваме еднакво со сите. Оваа соработка со ФФМ  ја поставивме на цврста основа и искрено се надевам дека ќе имаме поддршка и од другите институции и спортски федерации“, истакна Бранимир Јовановски.

Во рамките на манифестацијата беше одигран и фудбалски натпревар меѓу екипите на Мобилност Македонија и олимпијците на МОК кој им беше посветен на ракометарите на Македонија кои дента ги започнуваа квалификациите за учество на Олимписките игри во Рио, кој заврши нерешено 5:5.

За екипата на МОК настапија: Раиф Камбери (голман), Елмедин Сејфулау, Стефан Јанкуловски, Игор Паскоски, Мартин Нестороски, Берат Јакупи, Иво Цветковски, Лука Гаревски, Седат Бафтију, Стојна Вангеловска, Љупчо Ангеловски, Методија Ангеловски, Горан Милковски. Тренер: Владимир Богоевски.

За екипата на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА настапија: Николчо Пеев (голман), Александар Талевски, Ефтимчо Атанасовски, Ѓоко Стојановски, Митко Сотировски, Бобан Јорданоски, Горан Трајчев, Зоран Трајановски, Тони Шишевски и Николчо Делев. Тренер: Драган Дојчиноски

На трибините натпреварот го следеше претседателот на МОК, Васил Тупурковски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, бројни тренери и неколку ентузијасти.

Соработката продолжува.