НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1 1            Во рамките на европскиот проект  INVESTT на EASPD-Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со инвалидност, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“, во соработка со EASPD и Центарот за обука, едукација и грижа DRAGA од Словенија, на 03.06.2015 година во хотелот „Континентал“ во Скопје организираше еднодневен настан-форум на тема „ Стручно оспособување и вработување на лица со инвалидност“.

            Целта на настанот беше да се овозможи дискусија помеѓу засегнатите страни во областа на стручно оспособување и вработување на лицата со инвалидност, како и да се презентираат европските трендови и македонските искуства, практики и тековни реформски процеси во оваа област.

            Воведно излагање имаше Д-р. Василка Димоска од РЦПЛИП-ПОРАКА, а потоа г-ѓа Тамара Нарат од Институтот за социјална заштита на Република Словенија имаше две презентации на теми: „Презентација на концептот на Универзален дизајн во стручното оспособување и обука“ и „Презентација на проектот INVESTT и истражувањата во рамките на проектот“.

            Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика дискутираше за законските можности и политики за стручно оспособување и вработување на лицата со инвалидност во Република Македонија.

            Понатаму, во текот на работниот дел на форумот, презентации на практики и искуства во Македонија имаа претставници од невладиниот сектор, при што Владо Додевски од „Заедницата на заштитни друштва на Македонија“ дискутираше за искуствата од системот на заштитно вработување, Владимир Лазовски од здружението „Отворете ги прозорците“ за улогата на асистивната технологија во стручно оспособување и вработување на лицата со инвалидност, Владо Крстовски од „РЦПЛИП-ПОРАКА“ за улогата на дневните центри за лица со интелектуална попреченост во развојот на работни вештини и Бранимир Јовановски од „Мобилност Македонија“ за архитектонските бариери во установите за основно, средно и високо образование како основна пречка за едукација, стручно оспособување и конкурентност на пазарот на трудот за лицата со телесен инвалидитет во Македонија.