НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

4977Работна средба со директорката на ФЗОМ

М-р Маја Парнарџиева Змејкова

На 27.11.2014 година во просториите на Мобилност Македонија во присуство на претседателот Бранимир Јовановски и генералниот секретар Софка Прчева, по вторпат годинава се одржа работна средба со директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, М-р Маја Парнарџиева Змејкова. Поред директорката, на средбата од страна на фондот присуствуваа и: советникот на директорот, г-дин Бранко Аџигогов, шефицата на кабинетот, Лујза Јакимовска, главниот внатрешен ревизор (и наш член) Љупчо Шемкоски и републичкиот контролор во примарната здравствена заштита Љубинка Анастасова.

            Директорката на ФЗОМ ја промовираше услугата која наскоро се очекува да биде донесена и впишана во Правилникот, а која се однесува на корисниците на инвалидски колички. Имено, лицата од 7-26 годишна возраст, како и лицата над 65 годишна возраст кои имаат право на инвалидска количка на терет на фондот ќе бидат во можност да направат избор, кога ќе им дојде времето за замена на инвалидската количка, дали ќе земат на терет на фондот друга инвалидска собна количка, или ќе се одлучат да земат електромоторен скутер и тоалетна количка. Заради лимитираниот буџет на фондот, сега за сега со оваа услуга не може да биде опфатена и останатата популација од 27-65 години. Овдека е важно да се напомене дека за популацијата од 7-26 годишна возраст обврската да бидат во редовно школување или редовен работен однос ќе биде избришана. За да нема забуна, со оваа измена не се работи за правото на електромоторна количка која се управува со џојстик и ја користат нашите членови кои со сопствена сила на рацете не можат да движат собна количка (тетраплегиии), тоа право не се менува и останува како и до сега, туку за лицата кои во секојдневниот живот користат нормална собна количка (параплегии). Оваа право и избор би се однесувало за нив.

            Во однос на измените на Правилникот за специфична медицинска рехабилитација, во кој со последната измена се додадени дијагнозите мултиплекс склероза и церебрална парализа, а истиот не ги опфаќа лицата заболени од детска парализа, беше договорено да побараме стручно мислење од експерти за индикациите за специфична медицинска рехабилитација за нашите членови кои имаат дијагноза детска парализа. По добивањето на стручното мислење, ФЗОМ ќе се изјасни и доколку се оцени потребата, дијагнозата ќе биде впишана во Правилникот. Исто така го покренавме и прашањето за утврдување потреба од признавање на придружник за лицата на кои ќе им биде одобрено користење на специфична медицинска рехабилитација, а во секојдневниот живот потполно се зависни од друго лице (заради хранење, облекување, обаваување на физиолошки потреби и сл.).

            Во дискусијата ги актуелизиравме и нерешените наши претходни барања, во однос на определување на стандард на ортопедските помагала, договор со ортопедски куќи за изработка на чевли над 7цм скратување, намалување на рокови и можност за доплата над референтна цена при набавка на ортопедски помагала.

            Директорката истакна дека малку се доцни со изработка на листа на стандарди на одделни ортопедски помагала, а  аналогно на тоа и со А и Б листата на ортопедски помагала. Колку за потсетување, на А листата ќе се наоѓаат ортопедски помагала кои целосно ќе бидат на терет на фондот, додека Б листата ќе ги содржи ортопедските помагала кои осигуреникот ќе може да ги набави со доплата над референтна цена. Што се однесува до чевлите, голем проблем е референтната цена на овој вид на ортопедско помагало од референтната земја Србија, каде е исклучително ефтино и го обврзува фондот да ја користи таа референтна цена. Фондот смета дека ортопедските куќи треба да ја намалат цената во понудата за изработка на овој вид чевли за да се реши оваа прашање.

На крај од разговорот беше договорено Мобилност Македонија во консултација со своето членство да изготви прашалник за сите нејаснотии околу правото на набавка на ортопедски помагала, роковите, поправките и се она што може да претставува било каква нејаснотија, а фондот преку своите служби во најскоро време да одговори на истите, бидејќи членовите може и не се запознаени какви се права имаат или пак наидуваат на некомплетни информации и одговори во подрачните единици низ градовите. Исто така директорката истакна дека веќе втора година на влезните врати на сите подрачни единици се наоѓа ѕвонче кое треба да го користат сите осигуреници кои од било кои причини не можат да дојдат до канцелариите и шалтерските служби кои се сместени на спрат. На повикот од ѕвончето задолжително ќе одговори некој од службата на фондот и ќе му ја заврши комплетно услугата на осигуреникот. Беше договорено службата на Мобилност Македонија почесто да комуницира со службите на ФЗОМ за прашања од интерес на лицата со телесен инвалидитет.