НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

100 7981            Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија годинава го одржа јубилејниот дваесетти по ред музички фестивал на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Осумнаесет од досегашните деветнаесет изданија се одржаа во хотелот „Цар Самуил“ во Банско, Струмица. Мобилност Македонија, по урнекот на музичкиот фестивал во Поморје, Бугарија, одлучи јубилејниот дваесетти по ред музички фестивал во Македонија да го одржи на отворена сцена.

            По долгите преговори и широко пружената рака од страна на раководителот на „Струмица опен фестивал 2014“, г-дин Петар Божинов, како и на градот Струмица, на 11.08.2014 година во 20 часот на градскиот плоштад во Струмица одекнаа првите звуци на КУД „Феникс“ кој сите овие години беше неразделен од интерпретаторите на убавата македонска народна песна.

            Поред организаторите од Мобилност Македонија, на фестивалот присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, г-дин Зоран Заев во придружба на својата сопруга, како и поголем број на советници и соработници од општината. Водител на манифестацијата како и во минатите години наназад беше ненадминливиот, шармантен и инспиративен водител, текстописец и новинар од Струмица, г-дин Ѓорѓи Калајџиев.

            Оваа година на музичката сцена продефилираа 12 интерпретатори од пет здруженија, членки на Мобилност Македонија и тоа:

Од Мобилност Скопје

-Зорица Гочевска                  „Тргнало ми лудо младо“                         

-Христина Просковска         „Твоите очи Лено мори“

-Гоце Миновски                    „Ти само ти“

-Соња Ѓорѓиевска                „Мори чупи Костурчанки“

 

Од Мобилност Прилеп

Здравески Ѓорѓи                   „Нели ти стига“      

-Спирковски Ристо               „Каде  одиш лудо бре“

-Стојаноски Илија                „Ја излези стара мајко“     

-Ангелески Стеван               „Жал за Деспина“   

-Најдоски Влатко                  „Од умот се подизгубив“   

 

Од Мобилност Битола

-Томче Најдовски                  „Русе ле моме убаво“

Од Мобилност Кавадарци

-Трајче Лазаров                     „Мајка на Марика думаше“            

 

Од Мобилност Радовиш

-Петре Јованов                      „Јоване море Јоване“

Како се редеа интерпретаторите еден по друг, така се зголемуваше и бројот на посетители кои спонтано се собираа околу сцената, а по наша слободна процена беа повеќе од петстотини. Одлично, со оглед на тоа дека ова ни е прв фестивал на отворена сцена и прво такво искуство. Публиката постојано аплаудираше, ги подржуваше натпреварувачите, пееше со нив, дури и повеќепати се фати на оро... Прекрасна глетка и доживување за сите присутни. Повеќе наши здруженија исто така испратија свои претставници кои го следеа фестивалот како публика.

            Времето помина бргу и откако беа изведени сите нумери, жири комисијата ги прогласи победниците. Интерпретаторите на првопласираните 3 нумери добија плакети од Мобилност Македонија. Плакетите на победниците им ги врачи градоначалникот на општина Струмица, г-дин Зоран Заев.

            Првото место според гласовите на стручното жири го освои Христина Просковска од Скопје со интерпретацијата на песната „Твоите очи Лено мори“, второто место го освои Томче Најдовски од Битола со интерпретацијата на песната „Русе ле моме убаво“, додека третото место го освои Гоце Миновски од Скопје со интерпретацијата на песната „Ти само ти“.

            Истиот ден, неколку сати порано, на отворената сцена „Мал Парк“ се одржа промоција на книгата на нашиот член Роза Мојсовска со наслов „Ме кани светлината“.

            Мобилност Македонија после ова прво и мошне позитивно искуство, дефинитивно донесе одлука сите натамошни музички фестивали да ги одржува под отворено небо, на отворена сцена. Тоа и ни доликува, бидејќи само небото може да биде граница за амбициите и креативноста на Мобилност Македонија и нејзините членови.