НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

Срушени бариери, отворени врати: за инклузивно општество и развој за сите.

slika 5Според зборовите на Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, лицата со инвалидност го сочинуваат најголемото и најобесправеното малцинство во светот - речиси 15 проценти од светската популација се соочуваат со некоја форма на инвалидност. Мнозинството на лицата со инвалидност во светот живеат во земјите во развој. Многумина од нив живеат во сиромаштија, се соочуваат со дискриминација, физички, социјални и економски бариери,  и им се негираат основните можности за развој.

На 23 септември 2013 година, токму под раководство Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации се одржа историски состанок, прв на високо ниво на шефови на држави и влади за попреченост и развој. На истиот состанок беше усвоен  Финален документ во насока на создавање на целосно инклузивно општество, како дел од пост -2015-та развојна агенда.

Националните инвалидски организации кои ги претставуваат и застапуваат лицата со инвалидност во нашата држава сметаат дека е дојдено времето за ефикасно спроведување на Финалниот документ од состанокот на високо ниво, време е конечно и дефинитивно да се срушат бариерите, време е ширум да се отворат вратите за создавање на едно инклузивно општество и можност за развој за сите.

Токму тоа е темата со која ОН оваа година го одбележуваат меѓународниот ден на лицата со инвалидност: "Срушени бариери, отворени врати: за едно општество и развој за сите". Со ова, меѓународната заедница повикува на глобална заложба за прилагодување на  физичкото опкружување, прилагодување на транспортот и информациите во формат достапен за сите, како и промена на ставовите кои водат кон стигматизација и дискриминација. Она што и е потребно на глобалната заедница во овој момент се алатки за акција и промени, со цел да се реализира едно општество каде што еднаквите можности и правата на сите луѓе ќе бидат заштитени и поддржани.

Во време кога Обединетите Нации повикуваат на премостување на бариерите во опкружувањето, лицата со потежок телесен инвалидитет во нашата држава се уште се соочуваат со висок степен на непристапност. Оневозможување на некого самостојно и слободно да се движи и комуницира, значи истиот да се исклучи од сите општествени токови. Ако се земе во обзир дека казните за најтешките кривични дела се состојат токму во ограничувањето на слободата на движењето и слободата на размена на информации, во психолошки и материјален поглед за лицата со потежок телесен инвалидитет тоа би значело дека истите без никаква вина се осудени на најтешки казни. Иако на оваа тема се одржани бројни меѓународни конференции и истражувања, мораме да признаеме дека пристапноста се уште преставува основен лимитирачки фактор за потполна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во општеството. Од почетокот на нашата цивилизација па се до педесеттите години на минатиот век, архитектонските и комуналните објекти биле планирани и градени исклучиво за здрави лица. Лицата со намалени телесни способности, а особено непокретните лица и лицата кои не можат да се движат без инвалидска количка биле изолирани и надвор од сите општествени токови, обично затворени во своите домови или во центрите за рехабилитација. Токму заради непристапната околина, овие луѓе биле приморани да живеат анонимно, изолирано, како граѓани од втор ред надвор од сите општествени токови.

Од средината на минатиот век и денес, започнува примена на социјалниот , многу похуман модел во пристапот кон инвалидноста, а со самото тоа започнуваат напори за отстранување на повеќемилениумски градени архитектонски бариери. Честопати ова активност наидува на отпор и се дефинира како скапа и во одредени случаи економски неоправдана. Според мое лично убедување институциите, како на локалната самоуправа, така и на државно ниво, воопшто не треба да го поставуваат прашањето дали отстранувањето на архитектонските бариери и овозможувањето на пристапноста има економска оправданост или не. Иако Светската здравствена организација смета дека 15% од населението има некаква инвалидност, не сите лица со инвалидност имаат тешкотии во движењето и проблем со архитектонските бариери, но убедени сме дека значителен дел од нив имаат таков проблем. Најзагрозена група секако се лицата кои без инвалидска количка не можат да се движат и затоа репер за пристапност претставува овозможување на непречено и самостојно движење на лице кое се движи со помош на инвалидска количка. Проблемот кој лежи во основата на сите нивни други проблеми е движењето, поточно кажано неможноста за движење и тоа не со своите сопствени нозе, бидејќи со тоа веќе се помириле, туку со инвалидска количка со што апсолутно не би требало, ниту пак смеат да се помират. Ниту тие, ниту општеството во кое живеат. И тука воопшто не е важна бројката колку ги има. На крајот на краиштата и да се работи само за една личност, се поставува прашањето дали некој има право да го осуди на социјална изолираност, физичка и духовна болка. Секако дека одговорот е негативен, а со самото тоа одговорните лица на државно и локално ниво конечно мора да ги преземат сите мерки оваа состојба да се елиминира. На тоа ги обврзуваат постоечките закони, правилници, а пред се и над се Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност која, сега веќе сите земји од нашето опкружување, вклучително и Република Макдонија ја имаат ратификувано. Правилото број 5 од Стандардните правила на ОН за изедначување на можностите донесени 1993 година и членот 9 на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, детално ги опишуваат мерките со кои треба да се идентификуваат и отстранат пречките и бариерите кои ја лимитираат пристапноста особено во: зградите, патиштата, транспортот и на други внатрешни и надворешни објекти вклучително училишта, стамбени објекти, медицински објекти и работни места, информации, комуникации и други услуги, вклучително електронски услуги, служби и сервиси за случај на вонредни состојби и слично.

Пошироко гледано, не само лицата со телесен инвалидитет кои потешко се движат се соочуваат со бариерите во опкружувањето, со нив се соочуваат и други категории на граѓани на кои исто така ретко се помислува, како што се: трудници, родители со мали деца, мали деца, стари и болни лица.

На прагот на двегодишнината од ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност во Република Македонија, националните инвалидски организации ги повикуваат институциите на државата да преземат соодветни мерки за:

-Развој, ширење и следење на спроведувањето на минимални стандарди и насоки за пристапност до капацитети и служби отворени и обезбедени за јавноста;

-Обезбедување приватните ентитети кои нудат капацитети и услуги отворени и обезбедени за јавноста, да ги земат предвид сите аспекти на пристапност за лицата со инвалидност;

-Обезбедување обука за партнерите, во однос на прашањата за пристапност, со кои се соочуваат лицата со инвалидност;

-Обезбедување ознаки со Брајова азбука во лесно читлива и разбирлива форма во објектите и другите капацитети отворени за јавност;

-Обезбедување облици на помошници и посредници, вклучувајќи и водичи, читачи и професионални толкувачи на знаковниот јазик, со цел да се поедностави пристапноста во објекти и други капацитети отворени за јавност;

-Промовирање на други соодветни облици на помош и поддршка на лицата со инвалидност, за да се обезбеди нивен пристап до информации;

-Промовирање на пристап до нови информатички и комуникациски технологии и системи на лицата со инвалидност, вклучувајќи и интернет;

-Промовирање на модел, развој, производство и дистрибуција на достапни информатички и комуникациски технологии и системи во рана фаза, со цел истите да бидат достапни по минимални цени.

И сосема на крај ќе ја повторам мудрата изрека на Пабло Пикасо кој рекол: „Кој сака да направи нешто, бара начин, а кој несака ништо да направи, бара оправдување”.

Оваа тркалезна маса е начин да се направи нешто на полето на подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност, подобрување на пристапноста и достапноста, обид за изнаоѓање на начин за потполна инклузија во сите пори на општеството.

Секое човечко суштество има вродено право на живот и државите потписнички на Конвенцијата треба да ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат ефикасно уживање на тоа право на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите.